Со повеќе од 30 производи и вкупно 15 целосни изгледи „Лудус“ ја претставува последната колекција за есен-зима 2023/24 што е резултат на повеќегодишна интелектуална разработка на постулатите на брендот и принципите за кои се залага – безродовоста, одржливоста и еколошките аспекти, нула отпад во производството, природното боење и ревитализацијата на нашите занаети.

„Иако денешната одржлива мода може да излгеда хомогено и здодевно, со нашата работа сакаме да покажеме дека брендовите истовремено може да бидат и одржливи и етички и да понудат интересен, свеж и возбудлив дизајн. Особено беше важно да се продолжи во насока на експериментирање со формите, материјалите, боите и природното боење, родот и носливоста“ – вели Драган Христов.

Така, создадени се парчиња што го повикуваат клиентот да поигра со нив и да ја открие нивната повеќекратна форма – да гo трансформира волуменот на волнените кошули или панталони во здолништа или да избере меѓу различните начини на драпирање на предимензионираните парчиња облека. Облеките од оваа колекција се во меѓусебна интеракција, и тоа на повеќе начини, овозможувајќи им на клиентите да пронајдат индивидуални и нови начини на носење и комбинирање.

Обрнато е внимание квалитативно да се подобрат и усовршат постоечките препознатливи производи на брендот и да се понудат нови. Па така и оваа колекција содржи рачно обоени производи со ботанички состојки каде што природното боење се користи како уникатен принт на природните ткаенини. Колекцијата „Пост-родовост VIII“ е направена со локално набавени материјали во соработка со локални занаетчии и мајстори – соработници на брендот и извонредно вештиот технички тим што е постојан дел од современите дизајнерски колекции на „Лудус“.

Колекциите на „Лудус“ се застапени во концептуални продавници во Европа и курирани веб продавници за независни дизајнери во САД, Велика Британија, Холандија, Германија, Кипар и Словенија.

Каталогот беше изработен во студиото на „Лудус“ во Скопје, со фотографот Филип Бојковски, моделите Ана Кичеец и Душан Стефановски, а стајлингот, шминката и фризурата ги сработи Мартина Ивановска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.