Ученици од Македонија ги бранеа државните бои на меѓународниот натпревар „Светскиот ученички куп“ во Доха, Катар, во конкуренција од 1800 ученици од 30 земји.

Македонската делегација ја сочинуваа девет ученици од ПСУ „Јахја Кемал“, тројца ученици од ООУ „Ј.Х.Песталоци“, тројца ученици од ОУ „Јан Амос Коменскии“ и еден ученик од „Американ Колеџ“.

Тимовите се натпреварувале во четири главни категории: индивидуален тест по општи знаења, пишување во тимови, дебатирање во тимови и квиз во тимови според материјалите што се дел од годинешната тема „Реконструкција на минатото“.

Нашите ученици забележаа успеси и освоија медали во сите категории, меѓу кои најзначајни се третото место во пишување и дванаесеттото место во дебатирање. Два тима го надминаа прагот на поени на глобалната рунда и директно се квалификуваа на последниот круг од натпреварот, Турнирот на шампиони, што ќе се одржи на Универзитетот Јејл во ноември 2023. Уште два тима обезбедија дополнителна квалификација за тој натпревар, се наведува во соопштението.

Македонската делегација беше предводена од наставниците Никола Ѓелинчески и Еркан Агуш, а Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија обезбеди промотивен материјал.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.