На 27.Јуниорска балканска математичка олимпијада, Македонија е единствената земја која освои златен медал со максимален број на поени. Златниот медал го освои Дамјан Давков, соопштија од Сојузот на математичари на Македонија (СММ).

Покрај златниот медал, освоени се еден сребрен медал, од Ивано Божиновски и еден бронзен медал од Андрија Младеновиќ. На ЈБМО 2023 државата успешно ја претставија уште Никола Стојковски, Јаков Геговски и Андреј Тасиќ.

Уште една радосна вест е што една од задачите кои сите учесници ја решаваа беше македонски предлог (задача 1), во авторство на лидерот Никола Велов, додаваат од СММ.

Во оваа прилика сакаме да им се заблагодариме на Анастасија Трајанова, Илија Јовчески, Лука Хаџи Јорданов, проф. д-р Мирко Петрушевски, Виктор Симјаноски и претседателот на комисијата за ЈММО и меѓународни натпревари до 15,5 години проф. д-р Делчо Лешковски, кои заедно со нас учествуваа во подготовките на тимот. На крај неизоставно им искажуваме благодарност на спонзорите Виктор Симјаноски, Бојан Јовески, Предраг Груевски, Бобо Станковиќ, Бојан Серафимов, Валентин Ѓорѓиоски, Тодор Ристов и Стојан Трајановски кои во целост го покрија финансискиот дел за подготовките, додаваат лидерите на тимот,  Никола Велов и Петар Филиповски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.