Француската полиција заплени 72 примероци огнено оружје и повеќе од 3.000 парчиња муниција од домот на актерот Ален Делон.

Куќата на францускиот актер се наоѓа во местото Души-Монкорбон, на околу 135 километри јужно од Париз. Претресот на неговиот дом е нареден откако службеник назначен од Судот бил испратен на имотот, па забележал оружје и го известил судијата. Според Обвинителството, Делон (88) немал дозвола за оружје.

Здравјето на Делон последниве години е сериозно нарушено. Тој доживеа мозочен удар во 2019 година, па сé уште е во тешка состојба, според одредени извори.

Француските медиуми со месеци пишуваат и за спорот меѓу неговите три деца и неговата поранешна помошничка Хироми Ролин. Неговите наследници лани се здружија заради заедничко обвинение против неа. Тврдат дека таа учествувала во наводно тормозење врз нивниот татко. Нејзиниот адвокат ги отфрли сите обвиненија.

По долга и бурна кариера на светската сцена, Делон последниве години живее во изолација. Неговото последно поголемо појавување во јавноста беше на Канскиот филмски фестивал во 2019 година, кога ја доби почесната „Златна палма“. Во септември истата година, тој присуствуваше на погребот на својот пријател и колега Жан Пол Белмондо во Париз, кусо пред да го преживее мозочниот удар.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.