За сите љубители на виното, коишто сакаат да ја споделат својата винска страст со други вински љубители, седмото издание на Скопскиот вински салон – Винодонија, ќе понуди запознавање и вкусување на вината од македонските винарии, но и претставници од странската винска сцена, односно вина од вински брендови и стилови од Италија, Франција, Португалија и Шпанија.

На многумина бројот седум им е среќен број, а за нас е уште едно издание во низа на Винодонија во правец на нашата мисија и пат кон славење и промоција на виното во Македонија.

 

По бербата со многу предизвици за винариите и неколку напорни и се надеваме успешни саеми низ регионот, со ненамалена желба и ентузијазам, го најавуваме седмото издание на Скопскиот вински салон – Винодонија 2023, кое ќе се одржи на 8. и 9 декември (петок и сабота) во хотел Мериот Скопје во убава и опуштена атмосфера, полна со винска страст која повикува на уживање.

 

Винодонија повторно ќе биде место каде што нашите уметници-винари ќе ги донесат и покажат своите најдобри вина и нетрпеливо ќе ги очекуваат Вашите коментари, критики и пофалби, но и прилика да се истражи и дегустира и т.н. странска винска сцена која што во последната година порасна во Република Македонија и се збогати со нови вински брендови и стилови од Италија, Франција, Португалија и Шпанија, велат орагнизаторите на Винодинија 2023.

Скопскиот вински салон во двата дена ќе биде отворен од 15.00 до 21.00 часот. Како што велат организаторите, билетите за Скопски вински салон – Винодонија 2023, ќе бидат во ограничен број, поради што препорачуваат сите заинтересирани да ги набават електронски (онлајн) по цена од 750 денари за секој ден посебно (на следниот линк). Дел од билетите ќе може да се купат и на самиот влез пред почетокот на настанот, но по цена од 1.000 денари за секој ден посебно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.