Иако во седмата деценија од животот Петко Петковски од тетовско Јанчиште неуморно и доследно голем дел од своето време го поминува со неговите кучиња шарпланинци. Мерак, за кој вели дека му е од детството и никогаш не спласнал и покрај сите предизвици. Тој од кога памети за себе живее заедно со овие кучиња, љубов која ја наследил од татко му, со кого одреден период во животот и заедно ги чувале и негувале.

Во периодот кога ги одгледувал шарпланинците со неговиот родител е времето и кога имал и најмногу кучиња за кои водел грижа.

– Додека беше жив татко ми одгледувавме и до 15-тина „возрасни“ шарпланинци и како и кутриња. Двајцата имавме ист мерак за шарпланинците и кога таква посветеност имаат двајца луѓе може многу да се постигне и голем број кучиња да се одгледуваат. Секогаш сме имале над десет. Тогаш сум бил и помлад, а сега имам пет женки и три машки, сите над една година или возрасни кучиња. Меракот да се опише не може. Јас сум станувал рано за да им дадам да јадат, па потоа јас сум јадел или сум заминувал на работа. Или пример доцна навечер, сум се вратил од свадба, пак ми е паметот кај нив, прво одам да им дадам да јадат. Не ми е проблем, не ми е тешко ништо кога станува збор за шарпланинците, за друго не би сакал. Меракот си го прави своето, ни раскажува Петко Петковски за посветеноста кон оваа раса на кучиња.

За ваквите кучиња треба многу време и труд, затоа што е потребно одржување на хигиена, покрај хранењето. За да се одгледуваат шарпланинците требаат доста средства, бидејќи исто така треба многу да се вложи за да се прехранат и да се лекуваат ако има потреба. Како огледувачница потоа и ги продава.

– Еден од најголемите предизвиците во одгледувањето и хигиената е тоа што треба да се чистат и да се чешлаат. Кога се митарат, женските два пати годишно и кога ќе се окучат. А машките еднаш годишно се митарат. Тогаш им паѓа влакното, па ги има по цел двор и треба да се чисти, па пак да се чешлаат. Годишно минималниот износ за едно куче за купување храна само е околу 300 евра. Но затоа е одгледувачница, да се огледуваат, да се грижиш добро за нив, да бидат здрави и силни, па дел од нив потоа се продаваат, објаснува сопственикот на одгледувачницат која носи име „Петковски под Шара“.

Важен дел за одгледувачите е претставувањето на своите миленици на изложба на шарпланинци. Таму се оценува убавината, држењето и движењето на кучето. Со својот претставник Купер стана државен првак на државниот шампионат што во април се одржа во Скопје.  Купер има 4,5 години и беше победник во категоријата на машки шарпланинци.

– Во последните пет години сум во пензија па целосно времето го поминувам со своите миленици па имам и повеќе време за изложби. Инаку одамна, од 1994 година одам по изложби. Минатата 2021 година освоив прво место на специјализирана изложба на шарпланинци–Меморијал Владимир Крстевски во Куманово, а многу ми е драга таа победа затоа што Купер беше подобар во силна меѓународна конкуренција. Имаше многу големи и убави шарпланинци од Србија, но мојот Купер беше уште поубав и со подобро движење и држење. Во минатото сум победувал со шарпланинци и во други држави – Србија, Хрватска и Бугарија, објаснува Петковски.

Малкумина се одлучуваат за да ги одгледуваат овој вид на кучиња, иако се автохтони на овие простори бидејќи потекнуваат и го носат името на Шар Планина. Тој жали што токму во градот под Шара, во Тетово одамна немало специјална изложба на шарпланинци. Во Тетово има само две одгледувачници на шарпланинци.  Сега со прогласувањето на Шар Планина за национален парк се надева дека ќе се зачува и зголеми вредноста и препознаеноста на шарпланинецот како македонска гордост.

Петко не потсетува дека во минатото шарпланинците биле многу повеќе чувани во Тетовско. Тие важат за овчарски кучиња и за тоа биле и многу повеќе чувани како чувари на овој вид на добито. Сега претежно луѓето ги чуваат како миленици, а нивното претставување по изложби е понов тренд.

– Ние кога сме чувале овци, кај мене во село како дете паметам во Јанчиште имало 40-50 куќи кои чувале овци. Секоја куќа имала најмалку по две кучиња тоа се 100 кучиња само во Јанчиште и тоа само ние што се наоѓаме во рамнина, а замислете тие села што се на Шара и Жеден уште повеќе имало. Имаше многу шарпланинци кои се чувале по куќите како членови на семејствата, рече Петко.

Шарпланинците се големи кучиња и може да тежат од 50 до 70 килограми. Висината достигнува и до 80 сантиметри.

-Услови имам кај мене во село. Имам поголема квадратура и пред и позади куќата. Не ги пуштам едно два месеца кога садиме  да не оштетуваат посаденото во бавчата. Во зимскиот период се најубави зошто на лето им паѓа влакното од жештините. Зимата е најубава за кучињата. Се случувало на минус 20, викам ајде ќе им ставам теписон или слама во куќарката, да не им студи, тие пак надвор спијат, рече искусниот одгледувач на шарпланинци.

Според евиденцијата на интернет страницата на кинолошкиот сојуз низ македонските градови има вкупно 31 регистрирани одгледувачници на шарпланинци.

Александар Самарџиев за МИА



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.