Од 14 светски највисоки врвови што се над осум илјади метри надморска височина македонскиот планинар Сашко Кедев година достигна да искачи осум од нив. Само во текот на 2023 се искачи на три вакви врвови, а пет врвови искачи во 2009, 2021 и 2022 година. Вчера, при посетата на планинарскиот клуб Љуботен во Тетово на колегите им долови како годинава помина на трите врвови.

Годинава имав можност да се искачам на три нови врвови над осум илјади метри. Тоа беше Анапурна (8091мнв, Непал) на 15 април, Нанга Парбат (8126мнв, Пакистан) на 2 јули и Чо Ју (8188мнв, Тибет, Кина) во Тибет, Кина на 2 октомври. После една недела бевме и на Шишапангма (8013мнв), тоа е единствениот од врвовите над осум илјади метри коишто е комплетно се наоѓа во Кина. За жал стигнавме само до 7600 мнв, бидејќи се случила две големи лавини во коишто загинаа четири лица, две планинарки од САД и двајца шерпаси и ние мораше да ја прекинеме таа експедиција. Меѓутоа, тоа беше дополнително искуство во овие многу карактеристични услови, изјави Кедев.

Искачувањето на вакви големи височини, многу зависи од условите, а Кедев потенцира дека тоа никогаш не треба да биде опсесија. Раскажа за примерот на планинар од Ирска, кој иако десет пати се искачил на Монт Еверест, едноставно починал од исцрпеност на организмот додека се искачувал на Анапурна. Ја повторува фразата дека секоја планина си има своја тежина, а тоа посебно важи за тие што се над осум илјади метри.

Тука влегуваме во зоната на смртта. Јас сум од тој тип на искачувачи кои користи кислород, дополнителен кислород. Не сум од тие што одат без кислород. Сметам дека тоа е многу ризично за здравјето и за мозокот како орган. Тие услови на хипоксија и од тие причини јас претпочитам да се искачувам со дополнително количество на кислород. Останатите врвови секој си има свој предизвик. Во јули искуството во Пакистан за мене потврди дека Нанга Парбат е најтешкиот врв. Сметав дека после искачувањето на К2 минатата година и Анапурна пролетва дека тоа е можеби најтешкото. Меѓутоа Нанга Парбат се покажа според мене и според многу други коишто беа на тоа искачување, меѓу кои и повеќе шерпаси најтешкиот од сите врвови над осум илјади метри посебно тој еден стрмен дел, којашто е составена од три различни, ги викаат „Три степс“, коишто се многу технички предизвикувачки, и се едни од најголемите ризици, образложи Сашко Кедев.

На прашањето дали ќе оди на уште некој од врвовите над осум илјади Кедев вели дека најверојатно би одел, но тоа зависи многу од професионалните обврски, како и од временските услови.

Се надевам дека ќе имам можност некој од врвовите над 8 илјади да го пробам да го искачам, рече планинарот.

Во Тетово и во планинарскиот клуб Љуботен беше и по повод скорешната награда „Градско признание 19 Ноември“ на алпинистот Надир Мурсели, член на клубот.

Мојот драг пријател, Надир Мурсели има дадено многу значајно влијание во мојата мотивација да одам на големите височини, рече Сашко Кедев.

Кедев во 2009 се искачи на највисокиот врв на планетата на Монт Еверест. Во 2021 се искачи на Манаслу (8163мнв, Непал) додека во 2022 година на Далагири (8167мнв, Непал) К2 (8611мнв) и Брод Пик (8051мнв) во Пакистан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.