Светските цени на какаото достигнаа нови рекорди, а причина за тоа е сушата која ги оштети посевите во Западна Африка.
Цената на какаото на њујоршкиот пазар достигна 5.874 долари за тон. Така, цената на оваа клучна состојка за правење чоколадо е речиси двојно зголемена од минатата година. Тоа веќе го чувствуваат главните производители на чоколадо, но и крајните потрошувачи.
Еден од најголемите светски производители на чоколада, американскиот „Херши“, објави дека очекува историски високите цени на какаото да го ограничат растот на заработката оваа година. Извршниот директор на „Херши“, Мишел Бак, не ја исклучува можноста за зголемување на цените на чоколадото за крајните клиенти.
Друг американски производител, „Монделез“, како еден од предизвиците оваа година го посочи зголемувањето на цените на состојките за правење чоколадо. Главниот финансиски директор на „Монделез“, Лука Зарамела изјави дека се соочуваат со значително зголемување на цените на какаото и шеќерот.
Цените на какаото се зголемија поради слабата жетва во Западна Африка, каде што производството задоволува најголем дел од глобалната побарувачка за какао.
Метеоролошкиот феномен Ел Нињо предизвикува суши во Гана и Брегот на Слоновата Коска, два од најголемите светски производители на какао. Повисоките температури и промените во обрасците на врнежите се последица на климатските промени, а влијаат и на жетвата, објави „Би-Би-Си“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.