Истрагата за убиството на 15-годишната Наталија Мелман на 4 февруари 2001 година во Буенос Аирес, резултира со доживотна казна затвор за тројца полицајци обвинети за киднапирање, силување и убиство, додека четвртиот е вратен на ново судење откако претходно беше ослободен.

Исто така, останува да се утврди кому му припаѓа петтиот примерок на ДНК кој е пронајден на местото на злосторството, имајќи предвид дека тој петти „актер“ во ова монструозно дело никогаш не е пронајден, ниту пак идентификуван.

На доживотен затвор се осудени полициските службеници Оскар Ехенике (61), Рикардо Анселми (53) и Рикардо Суарез (58). Тие на кобниот ден во утринските часови присилно ја ставиле малолетничката во комбе, па ја однеле во напуштена куќа во населбата Копакабана, пренесува „Ел Литоријал“.

Таму ја силувале, а потоа и ја задавиле со врвка од кондурите на еден од полицајците. Нејзиното тело е пронајдено четири дена подоцна во шума, под куп лисја.

Четвртиот инволвиран, поранешниот наредник Рикардо Пандера, е ослободен 2018 година бидејќи „неговото соучество не е докажано во претресот“ и поради „погрешна проценка на материјалните докази“, соопштија од обвинителството.

Родителите на жртвата ја обжалија пресудата тврдејќи дека се работи за „пристрасна и произволна анализа на доказите“, повикувајќи се на ДНК-извештајот и срамните влакна кои се компатибилни со влакната на Пандера.

Една година подоцна судот ја поништи ослободителната пресуда и наложи ново судење кое се’ уште трае.

Истрагата за ова злосторство покажа и петти ДНК-профил, откриен од трагите сперма пронајдени на телото на жртвата за време на обдукцијата.

Ова зло нè уништи сите кои ја сакавме Наталија, но е класичен пример дека постои насилство врз жените, дека постои полициско насилство и дека треба сериозно да се спротиставиме на оваа тортура. Правдата во неколку наврати беше доведена во прашање, чисто да нè потсети какви луѓе сме ние всушност, кога воопшто дозволуваме вакви работи“, изјави во една прилика Густаво Мелман, таткото на жртвата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.