Американската Национална воздушно-вселенска администрација (НАСА) изведе симулација на својата прва мисија за прифаќање, пренос и безбедно складирање примероци од астероид на Земјата.
Планот е вселенското летало „Озирис-Рекс“ (OSIRIS-REx) на НАСА да испорача примероци од астероидот Бену на нашата планета на 24 септември, а тимот што треба да стигне до нив, мора да дејствува многу брзо. Имено, капсулата што ги носи примероците, ќе падне со падобран во пустината во Јута, а тимот мора да стигне таму што е можно поскоро за да се избегне контаминација од Земјата што би го расипала примерокот.
Капсулата ќе биде прикачена за хеликоптер и пренесена по воздушен пат. Токму затоа тимот на мисијата „Озирис-Рекс“ го спроведе тестот, како подготовка за она што треба да се случи за два месеца.
Леталото „Озирис-Рекс“ веќе слета на Бену пред три години и собра примерок од неговата карпеста површина, па сега е во последната етапа од своето патување назад кон Земјата. Мисијата „Озирис-Рекс“ е првиот обид на НАСА да испорача примерок земен од астероид, но Јапонската вселенска агенција – ЈАКСА веќе го направи тоа двапати за време на двете мисии „Хајабуса“.
Американското летало беше лансирано на 8 септември 2016 година, а на астероидот Бену слета во октомври 2020 година. Научниците се надеваат дека собраните примероци ќе дадат нови сознанија за улогата на астероидите во овозможувањето живот на Земјата. Можно е вселенските астероиди да донеле дел од градивата на нашата планета.
Според предвидудањата и плановите на НАСА, леталото во 2029 година има нова цел, односно треба да лета кон астероидот Апофис.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.