Анализата на снимки стари 30 години покажало дека Венера е геолошки жива планета.

Научниците веќе половина век се обидуваат да најдат знаци на вулкански ерупции на Венера, но нејзината густа атмосфера ги спречува набљудувањата од Земјата.

Во новото истражување, научниците успеале да најдат докази за вулканска ерупција на снимката од одамна завршена вселенска мисија. Тие виделе вулкан на Венера што го менува обликот и се шири и нешто наликува на лава во кратерот.

Изненадување по макотрпен труд

Авторите на трудот објавен во списанието „Science“  во своето резиме објаснуваат дека мисијата на НАСА „Magellan“ од 1990 до 1992 година ја снимила површината на планетата користејќи радар од орбитата на Венера. Кога ги истражувале снимките на „Magellan“ од вулкански области, тие идентификувале вулкански отвор со површина од околу 2,2 км2, кој го променил обликот во осум месеци помеѓу двете радарски снимки. Покрај тоа, тие забележале можни текови на вулканска лава во внатрешноста на кратерот.

Сепак, нема дефинитивни потврди за неговото излевање, бидејќи постои можност евидентираните формации да постоеле и претходно. Супстанцата што го пополнува отворот може да биде паѓање на карпи предизвикано од лизгање на земјиштето. Исто така, можно е формациите налик на поток да биле веќе присутни на сликите во февруари, но не можеле да се видат поради аголот на кадарот.

Мисијата „Magellan“ беше првата што ја сними целата површина на Венера пред леталото намерно да биде испратено во топлата, токсична атмосфера на планетата во 1994 година за да го собере конечниот сет на податоци.

Овие резултати ги толкуваме како потврда дека на Венера има постојана вулканска активност. Се обложувам дека имало ерупција на езеро од лава“, коментира еден од двајцата коавтори на новото истражување, Роберт Херик, планетарен научник од Универзитетот во Алјаска Фербенкс.

Херик и неговиот колега Скот Хенсли забележале вулкански отвор на огромниот вулкан Маат Монс.

Навистина не очекував успех, но по околу 200 часа рачно споредување слики од различни орбити на Magellan, видов две слики од истиот регион направени со разлика од осум месеци, кои покажуваат индикативни геолошки промени предизвикани од ерупцијата“, вели Херик за „Си-Ен-Ен“.

Тој ги снимил промените на сликите во регионот Атла, огромна планинска област каде што се наоѓаат двата најголеми вулкани на Венера, наречени Оза Монс и Маат Монс. Херик обаснува дека и двата се слични на најголемите вулкани на Земјата, но бидејќи имаат помали падини, тие се пораширени.

Резултатите ја изненадија научната заедница. Научниците и претходно имаа индиректна потврда за вулканска активност на Венера, но очекуваа дека ќе ја пронајдат дури на почетокот на 2030-тите, кога две вселенски летала со врвни радарски системи кои продираат во облак – „VERITAS“ на НАСА и „European EnVision“ – ќе стигнат до Венера.

Тоа ќе помогне да се разбере разликата помеѓу Земјата и Венера

Ова откритие има големо значење за научната заедница бидејќи може да помогне да се објасни како две планети со сличен состав и големина – Венера и Земјата – тргнале по различни патеки во нивната еволуција.

Научниците веруваат дека Венера имала и океани на својата површина во далечното минато кои исчезнале поради некоја необјаснета катаклизма. Еден од можните виновници за ваквиот развој на настаните би можеле да бидат климатските промени предизвикани од огромните вулкански ерупции.

Ако сакате да го разберете единствениот друг свет со големина на Земјата до кој некогаш ќе дојдеме, каде било во универзумот, Венера е единствениот избор што го имате“, за „Scientific American“ вели Пол Бирн, планетарен научник од Универзитетот Вашингтон во Сент Луис, кој не бил вклучен во новото истражување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.