Владата на Киев лансираше Интернет страницата каде се документирани ужасите на војната, насловена „Руски воени злосторства“ – „Russia’s war crimes”. Фотографии, видеа, сведоштва и бројки поделени во рубрики што ги документираат ужасите на руските трупи во Украина.

„Доказите собрани за злосторствата извршени од руската војска во Украина ќе обезбедат овие воени злосторници да не ја избегнат правдата“, напиша на Твитер украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба најавувајќи ја новата веб страница насловена „Russia’s war crimes”  („Руски воени злосторства“). Станува збор за онлајн архива создадена од Киев за да ги документира „воените злосторства на Русија“ извршени во овие први 45 дена од конфликтот преку сведоштва на преживеаните, невладините организации присутни во земјата и извештаите на меѓународните медиуми.

Сајтот се отвора со звукот на сирените. Звук кој ги придружува украинските граѓани во овие 45 дена. Знак на тревога, на бомбардирање кое набргу следува. Звук кој зборува за ужаси, смрт, тортура, насилство, силувања – опишани со фотографии, видеа и сведоштва.

Архивата потсетува дека „пред многу децении, меѓународната заедница одлучи да ја запре големата смрт на цивили за време на вооружени конфликти. Така, беа создадени правила за војна, кои забрануваа убивање цивили, нанесување штета и тортура на затвореници и пукање од смртоносно оружје во незаштитени населби. Иако правилата за војување се воспоставени во меѓународните договори како што се Женевските конвенции, Римскиот статут и другите меѓународни закони и договори, од кои на многу Русија е потписничка, овие правила сега се цинично и бескрупулозно прекршени од илјадници руски војници испратени во Украина од нивниот диктатор Путин“.

Сајтот има цел да биде детална документација за тоа што се случува.

На сајтот има и бројки од оваа војна 1.563 смртни случаи, вклучувајќи 167 деца, 4.820 воени злосторства, 6.800 уништени згради, 439.420 депортирани цивили, од кои преку 91.000 деца, се документирани благодарение на цивилите, но и благодарение на присуството на меѓународниот печат.

А, има и страница која е посветена на правдата: „Да, правдата ќе биде задоволена. За воените злосторства на Русија во Украина, 42 земји веќе поднесоа жалба до Меѓународниот кривичен суд во Хаг за да покрене истрага, луѓето кои ги извршиле овие злосторства ќе можат да бидат притворени во билокоја земја што ја признава јурисдикцијата на овој суд. Украина нема да се откаже додека не бидат казнети сите виновници. Ние собираме докази и сведоштва, вклучително и шокантни фотографии и видеа, за да може судот да ги осуди сторителите на овие воени злосторства“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.