Австралиски турист е убиен во напад на ајкула на преполна плажа во Нова Каледонија, француска колонија во Меланезија во југозападниот дел на Пацификот, објави денеска Гардијан.

Плажите во Нуомеа беа затворени откако 59-годишен маж почина во неделата по неколку каснувања од ајкула.

Мажот, наводно, пливал на околу 150 метри од плажата Шато-Ројал во главниот град Нуомеи кога ајкулата го нападнала, соопштија властите.

Две лица, кои пловеле со чамец во близина, го однеле повредениот турист на плажата, каде итните служби се обиделе да го спасат.

Мажот имал тешки рани на ногата и двете раце и починал на местото на настанот, и покрај масажата на срцето.

Полицијата ја евакуираше областа.

Градоначалничката на Нуоме, Соња Лагард нареди затворање на повеќето плажи во областа и ловење на ајкулите во блиските води.

Властите распоредија беспилотни летала за да ги следат ајкулите, а две беа забележани пред да бидат прекинати операциите, соопшти полицијата.

Локалниот обвинител изјави дека е отворена истрага за инцидентот.

49-годишен пливач минатиот месец беше тешко повреден од ајкула, исто така во близина на плажата Шато-Ројал, а неколку дена подоцна беше нападнат сурфер, но тој не беше повреден.

Нова Каледонија е на 13-то место во светот по вкупниот број на напади на ајкули, според Природонаучниот музеј на Флорида, кој води евиденција за нападите на ајкули низ светот од 1958 година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.