Во просториите на Општина Делчево, денес се потпиша Договор за изградба на нова детска градинка помеѓу Министерството за труд и социјална политика претставувано од министерката Јованка Тренчевска и Општина Делчево од страна на градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски и изведувачот кој е задолжен да ја изгради.
По тој повод, министерката Тренчевска во изјава за медиумите изрази огромно задоволство од потпишувањето на ваков договор кој ќе значи влез на нови 130 деца во предучилишниот процес.
„Станува збор за изградба на современа градинка која ќе биде ефикасна како во поглед на енергетските трошоци и нејзиното одржување, така и во поглед на извршување на нејзината функција, а тоа е да обезбеди соодветен безбеден простор за престој на децата каде ќе учат и развиваат нови животни вештини,“ истакна министерката .
Изградбата на новата детска градинка е дел од Програмата на Владата на Република Македонија за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2023 година.
Се работи за двогодишен проект со вредност од околу 60 милиони денари со ДДВ , каде што во најголем дел учествува Министерството за труд и социјална политика, а во одреден дел и Општина Делчево.
„Ова е уште една потврда за тоа колку е значајна соработката помеѓу централната и локалната власт. Општината најдобро ги знае потребите на своите жители и кога таа ги адресира нивните потреби, доаѓа до реализација на проекти од кои директна придобивка имаат граѓаните,“ посочи Тренчевска.
Градоначалникот Горан Трајковски изрази благодарност за досегашната соработка со Министерството за труд и социјална политика, и по тој повод и додели на министерката Тренчевска плакета
Нема поубав подарок за своите сограѓани од реализацијата на нов капитален проект за граѓаните, посебно кога се работи за најмалите и за младите родители. На овој убав ден, кога Делчево одбележува 79 години од ослободувањето-го потпишавме Договорот за изградба на новата детска градинка во населба Расадник. Новата градинка ќе биде современ , уникатен објект кој ќе го краси Делчево, а неговата намена –да згрижува и воспитува дечиња од најмала возраст со капацитет од 350 дечиња, ќе значи и анулирање на листата на чекање за прием во детската градинка. Ова е инвестиција во раниот детски развој, вредна 60 милиони денари,“ истакна Трајковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.