Неизвесно е дали ТЕ-ТО и оваа зима ќе има капацитет да ги олесни проблемите со парното и струјата.
Од компанијата не гарантираат дека ќе може да испорачаат 70 проценти од потребната топлинска енергија за граѓаните кои се на парно, колку што очекува Регуалторната комисија, за да нема сериозни проблеми со цената на греењето. Од таму за Телма велат дека производството на топлина на ТЕ-ТО, ќе зависи прво од тоа дали ќе има гас на пазарот, нешто за што нема гаранции, но и каква ќе биде неговата цена.
Во моментов цената на топлината предвидена од РКЕ за компанијата дистрибутер на топлинска енергија е околу 60 eur/ MWh при цена на природниот гас од 200 eur/ mwh на берзите, односно предвидената цена на топлината е 3 пати пониска од моменталната цена на природниот гас на берзите за претстојната грејна сезона. Ваква цена на топлината при моменталните берзански цени на гасот, ТЕ-ТО не може да постигне. ТЕ-ТО ќе понуди цени за своите продукти согласно движењата на цените на берзите на природен гас и електрична енергија и трошоците на работењето на компанијата. ТЕ-ТО е независен производител на струја и на топлина, чија цена не ја одредува РКЕ, туку отворениот пазар, а целта на ТЕ-ТО како и на секој субјект на отворен пазар е да оставри максимално производство и позитивни финансиски резултати“ – велат од ТЕ-ТО за Телма.
Од ТЕ-ТО нема гаранција ниту дали ќе можат да ја произведат и потребната електрична енергија.
Ликвидноста на компанијата била сериозно нарушена, затоа што на почетокот на годинава, за време на претходната кризна состојба, по барање на Владата, од Тето се согласија својата струја, но и топлинска енергија да ги продаваат по многу пониска цена од оние на берзите, по кои ТЕ-ТО всушност работи и со тоа на централата и се нанесени сериозни штети.
ТЕ-ТО ја продаваше ел.енергија по цени од 170 и 190 eur/ MWh кога пазарните се движеа од 240 до 310 eur/ MWh ,а топлината по цена од 32 eur/ MWh при цена на природниот гас од 100 eur/MWh. Со тоа ТЕ-ТО претрпи штета на име загуба и изгубена добивка во износ од 37 милиони евра. Компанијата е со крајно нарушена ликвидност, и во летниов период произведува и продава струја само на дневно ниво со мало искористување на производниот капацитет. Негативно влијание врз ликвидноста има и неможноста компанијата се уште целосно да ја наплати испорачаната топлинска енергија од изминатата грејна сезона – додаваат од ТЕ-ТО.
Од друга страна пак сите надежи на РКЕ за полесно да се преброди престојната зима, која се очекува да биде многу тешка, се во ТЕ-ТО. Предупредуваат, ако централата не работи, ќе има проблеми и со парното, но и со струјата.
Без да работи ТЕ-ТО, цената на парното драстично ќе се зголеми и дополнително , ако го немаме ТЕ-ТО да произведува струја ние оваа зима ќе имаме сериозни проблеми и со снабдувањето со електрична енергија. Во тој случај ќе мора да користиме мазут за струја кои е еколошки многу лош – вели Бислимовски.
Од први август парното добива нова повисока цена за 14 проценти.
Допрва ќе се одлучува и кој ќе ја преземе работата на БЕГ, кој остана без трите лиценци.
Не се знае ниту од каде ќе се обезбеди потребниот гас, ниту кога ќе се случи тоа. Но, и покрај се властите уверуваат дека грејната сезона ќе почне на време.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.