Немам никакво разбирање на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум, станува збор за манипулација која Христијан Мицкоски ја прави прилично неочекувано – изјави претседателот Стево Пендаровски.

Зборувајќи во интервју на телевизија „Канал 5“ дали е за референдум за францускиот предлог, Пендаровски изјави дека тоа што Мицкоски ги прави е политичка мобилизација на своето членство.

Се мачат да направат формулација, точка 4, алинеја 5 ќе ја оспоруваме од рамката. Знаете што е тоа? Тоа е Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија. Не може да влезеш ниту во Европа, ниту во НАТО, ако немаш договори со комшиите. Јас велам, повелете прашајте, но фер е да кажете дека сте против. Само едно прашање за мене е релевантно, дали сакате Македонија да биде членка на ЕУ. Толку – изјави Пендаровски.

Прашан зошто се брзало со прифаќањето на францускиот предлог, Пендаровски изјави дека во својот дел, ја признава вината во, како што рече, лошото менаџирање на очекувањата во јавноста.

Медијаторите од Брисел и Париз рекоа додека не е договорено се, се смета дека ништо не е договорено и не треба ништо од тоа да оди во јавноста. За жал, ние тоа го почитувавме, но нашите другари, колеги и пријатели од Софија не го почитуваа – изјави Пендаровски.

Според него, штетата со шпекулациите во јавноста веќе била направена и можеле уште шест месеци да ја објаснуваат, но, како што рече, веќе добар дел од народот бил изманипулиран.

Доцна го објавивме протоколот, доцна го објавивме предлогот. Меѓутоа, сега откако е објавен го има на интернет. Велам, кажете каде пишува ние само како Бугари ќе влеземе во ЕУ. Покажете ми, каде пишува… нигде – изјави Пендаровски.

Тој посочува дека ситуацијата е дека од првичните барања на Бугарија и првичната бугарска декларација, нема неколку од нивните клучни барања.

Прво до 44 година да пишеме во учебници и секаде дека ние сме биле Бугари. Тоа го нема во рамката. Второ, македонскиот јазик бил до 44 година дијалект на бугарскиот јазик. Тоа го нема во рамката. Од 41 до 44 година биле „администратори“, а не „окупартори“, и тоа го нема во рамката. Точка 12 од Договорот вели еднаш годишно владите се собираат и велат да видиме до кај сме сега и што сме постигнале – изјави Пендаровски.

Тој вели дека очекува разумно однесување од другата страна, но и дека повторно може да има неразумни барања.

Гаранции има дека европската рамка не содржи понижувачки ставови за македонскиот народ. Мислам дека сме на јасно и на хартија пишува дека рамката не е понижувачка за македонскиот народ – изјави Пендаровски.

Во однос на Комисијата за историски прашања, Пендаровски вели дека работи веќе три години од 2019 и покажале дека таму се луѓе со интегритет и дека сите се експерти.

И со ова што досега го договорија историчарите ние почнавме преговори. Значи некакво движење имаме. Како ќе биде понатаму, јас имам апсолутна доверба во луѓето од Драги Георгиев, до последниот член на Комисијата – изјави Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.