Во некои региони на Германија се очекуваат обилни врнежи од дожд и снег откако бурата Золтан опустоши големи делови од северна Европа непосредно пред католички Божик, јави ДПА.
Властите предупредуваат на големи поплави во делови од покраините Долна Саксонија, Хамбург, Саксонија-Анхалт и Баварија. Според податоците на германската метеоролошка служба, повторно се очекува да падне снег, кој ќе ја зафати областа помеѓу покраината Тирингија и шумите во Баварија, кои се наоѓаат на надморска височина од повеќе од 600-800 метри.
Метеоролошката служба соопшти дека денеска се очекуваат обилни снежни врнежи во централниот дел на Рудните Планини во Саксонија. Постои опасност од паѓање на дрвја и кршење на гранки. Исто така, можно е мразот да зафати област која се протега од источните делови на Шлезвиг-Холштајн и Долна Саксонија до западна Полска.
Како резултат на постојаните врнежи, се очекуваат 60 до 90 милиметри дожд на многу места во периодот помеѓу 48 и 72 часа, според Метеоролошката канцеларија. Во некои региони се предвидува и невреме со врнежи од 90 до 120 милиметри.
Во источните ниски планински масиви се очекува вечерва снежните врнежи да почнат да преминуваат во дожд.
Вчера невремето „Золтан“ помина низ Германија и предизвика значителни прекини во сообраќајот на патиштата и возовите. Во Долна Саксонија имало сообраќајни несреќи предизвикани од голомразица, а според метеоролошката служба во Келн веројатно имало и торнадо.
Во Холандија и Белгија, невремето доведе до смртни случаи. Невремето вчераутро беше најсилно во Хамбург.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.