Посиромашните земји минатиот месец одбиле повеќе од 100 милиони дози вакцини против Ковид-19 понудени преку глобалната иницијатива Ковакс поради нивниот краток рок на траење.
Оваа бројка ги покажува проблемите во вакцинирањето во светот и покрај зголемената понуда на вакцини. Ковакс се приближува до бројката од една милијарда поделени дози во повеќе од 150 држави.
Повеќе од 100 милиони дози беа одбиени само во декември. Главна причина за тоа е понудата на вакцини со краток рок на траење. Посиромашните држави, исто така, морале да ги одложат набавките поради недоволен простор за складирање што вклучува недостиг на ладилници за вакцини – изјави пред европратениците Етлева Кадили од УНИЦЕФ .
Податоците на УНИЦЕФ покажуваат дека 681 милион дози во моментов се неискористени во околу 90 посиромашни земји.
Хуманитарната организација „КАРЕ“ објави дека повеќе од 30 земји, вклучително и поголемите како Демократска Република Конго и Нигерија, искористиле помалку од половина од добиените дози. Нигерија уништила милион дози кон крајот на минатата година.
Ковакс, иницијатива во која учествува и Светската здравствена организација (СЗО), досега има испорачано 989 милиони дози вакцина во 144 земји.
Испораките во посиромашните земји долго се одложуваат поради недостиг на вакцини бидејќи побогатите држави резервираа најголем дел од дозите достапни од декември 2020 година.
Во јануари се вакцинирани 67 отсто од населението на развиените земји, а само осум отсто во земјите во развој, покажуваат податоците на СЗО.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.