Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата изјави дека сè уште ја гледа неговата земја на патот кон пристапување во НАТО, и покрај тоа што руската војна не покажува знаци на смирување и по 13 месеци од почетокот на конфликтот.
– Оваа недела видовме добар правец на „придвижување кон НАТО“, преку нова воена помош од Запад и други изрази на меѓународна поддршка, рече Зеленски во својата дневна видео порака.
Зеленски се осврна на предлогот на Литванија да ја покани Украина да стане членка на НАТО на самитот на воената алијанса што ќе се одржи во Вилнус во јули, а потоа ѝ се заблагодари на таа земја.
Парламентот на оваа балтичка земја одлучи оваа недела да побара Украина да биде поканета да се приклучи на Алијансата на самитот закажан за 11 и 12 јули.
Аспирацијата на Украина да се приклучи на НАТО Кремљ честопати ја наведува како една од причините за руската инвазија минатиот февруари.
Минатата година Зеленски се заложи за „забрзан“ пристап во НАТО, надевајќи се дека Украина ќе добие повластен третман. САД и другите членки на алијансата, како што е Германија, изразија резервираност за тоа, бидејќи еден од предусловите за влез е да не се вклучени во меѓународни конфликти.
Во својата порака, Зеленски повика на поддршка за земјите кои допрва треба јасно да се дистанцираат од Русија, велејќи дека Украинците се борат за универзални вредности кои се блиски до сите народи.
„Сите ја ценат безбедноста и заштитата од терор“, рече Зеленски, додавајќи дека Русија се залага за „концентрациони логори, депортација на деца, силување жени и палење градови“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.