Претседателот на Украина Володимир Зеленски потпиша указ за воведување лични санкции на руските лидери, вклучително и претседателот Владимир Путин и сите министри.

Санкциите, одобрени од Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, се насочени кон сите членови на руската влада и Советот за безбедност, како и против портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тие забрануваат влез во Украина, ги откажуваат визите и дозволите и ги блокираат финансиските средства.

Одредбата стапи на сила во четвртокот, се вели во копија објавена на веб-страницата на украинското претседателство.

Зеленски, исто така, потпиша директива со која се санкционираат 236 руски универзитети и нивните лидери.

Рускиот министер за образование како одговор рече дека тоа нема да влијае на нив, пренесува АП.

– Денешната одлука на режимот во Киев зборува за неговата несоодветност и неспособност да ја контролира ситуацијата. Тоа е гест на очај, кој не може да ја спречи интеграцијата на Донбас и ослободените територии – изјави Сергеј Кравцов за Интерфакс.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.