Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ќе бидат преземени нови чекори за обезбедување на безбедноста на земјата, особено за зајакнување на воздушната одбрана во наредните недели, јави ДПА.

Во своето полноќно обраќање, Зеленски се заблагодари и на Германија што вети дополнителна воена помош за Украина. Претходно оваа недела, германската влада ја објави својата намера следната година да ја зголеми воената помош за Украина од четири на осум милијарди евра. Покрај Германија, Зеленски им се заблагодари и на Финска и Литванија за новите одбранбени пакети за Украина.

Како што наближува зимата, воздушната одбрана ќе станува сè поважна во одбранбените планови на Киев. Киев очекува Москва да изврши повеќе напади против електричната, топлинската и водоводната инфраструктура на Украина оваа зима.

„Колку се приближуваме до зимата, толку поголеми ќе бидат напорите на Русија да ги зголеми своите напади“, рече Зеленски.

Вчера Русија испрати најмногу беспилотни летала против Украина во изминатите неколку недели. Шефот на украинската држава го пофали фактот дека речиси 30 дронови биле успешно пресретнати.

Од есента минатата година Русија систематски ги напаѓа енергетските капацитети на Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.