Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина нема друг избор освен да преговара со Русија за прекин на борбите, но дека тој и рускиот претседател Владимир Путин можеби нема да разговараат лично.

Зеленски го рече тоа откако ги обвини руските војници за егзекуции во Буча, град западно од Киев.

Фотографии од мртви тела на улиците на Буча, град северозападно од Киев, беа објавени во саботата откако руските војници се повлекоа. Украина соопшти дека пронашла 50 егзекутирани лица. Новинарите на Ројтерс, исто така, сведочат за мртви тела низ градот. Сателитските снимки покажаа ров долг 14 метри ископан на црковно земјиште каде беше пронајдена масовна гробница.

Сликите на трупови кои лежат на улиците, некои со рацете врзани зад грб, предизвикаа меѓународна осуда од Русија.

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев изјави дека извештаите за убиствата на цивили во Буча се „лажни“ и дека нивната цел е да ја дискредитираат Русија. Москва вели дека ќе презентира „емпириски докази“ на состанокот на Советот за безбедност на ОН за да потврди дека нивните сили не биле вклучени во масакр.

Украинските власти соопштија дека тела на 410 лица се пронајдени во областите околу Киев.

„Сите, вклучително и јас, ќе ја гледаат дури и можноста за преговори како предизвик“, рече Зеленски во интервјуто за украинските новинари емитувано на националната телевизија.

„Предизвикот е пред сè внатрешен, личен, човечки предизвик. Тогаш кога ќе се смириш, и ќе треба да го направиш тоа, мислам дека нема да имаме избор“.

Тој додаде дека настаните во Буча се непростливи, но Украина и Русија треба да продолжат со преговорите и сигнализираше дека Москва треба да го признае она што го направила нејзината армија.

Руската новинска агенција „Интерфакс“ го цитираше заменик-министерот за надворешни работи на Русија дека разговорите продолжуваат преку видео.

Зеленски во вторник ќе се обрати и пред Советот за безбедност на Обединетите нации, каде се очекува да побара нови остри санкции против Москва поради убиствата во Буча, кои ги нарече „воени злосторства“ и „геноцид“.

Ова ќе биде прво обраќање на Зеленски пред ОН од почетокот на руската инвазија и доаѓа ден откако тој ја посети Буча.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.