Украинските сили ќе мора да ѝ отстапат поголема територија на Русија доколку американската воена помош не пристигне наскоро, предупреди украинскиот претседател Володимир Зеленски во својот најнов и најсериозен апел до Конгресот на САД да усвои пакет воена помош од повеќе милијарди долари.

Администрацијата на претседателот Џо Бајден се обидува да протурка во Претставничкиот дом пакет за меѓународна помош од 95 милијарди долари, кој вклучува 60 милијарди долари за Украина. Во Претставничкиот дом републиканците го блокираат овој пакет-помош повеќе од еден месец откако беше усвоен во Сенатот.

Зеленски предупреди дека недостигот на помош е драматичен и може да ги загрози големите украински градови.

Ако нема американска поддршка, тоа значи дека немаме противвоздушна одбрана, ракети Патриот, уреди за попречување на електронското војување, артилериски гранати од 155 милиметри – изјави тој за Вашингтон пост за време на интервјуто објавено викендов. „Тоа значи дека ќе се вратиме, ќе се повлекуваме, чекор по чекор, со мали чекори“, додаде Зеленски.

Тој оцени дека Киев ќе биде принуден да направи помалку во војната и да ги зачува ресурсите, што може да има сериозни последици.

– Ако ви требаат 8.000 куршуми дневно за да ја одбраните линијата на фронтот, а имате само, на пример, 2.000 гранати, немате друг избор освен да работите помалку – објасни тој, велејќи дека решението може да биде скратување на линијата на фронтот.

– Ако пукне, Русите би можеле да ги нападнат големите градови, предупреди Зеленски. Голем дел од источна Украина беше под руска воена контрола откако Москва ја започна својата инвазија пред повеќе од две години.

Минатиот месец Киев објави дека се повлекува од Авдијивка, еден од најголемите градови на источниот фронт, кој со месеци беше под руска опсада и е целосно уништен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.