Украинскиот претседател Володимир Зеленски го поздрави почетокот на извозот на жито од Одеса од почетокот на руската инвазија на крајот на февруари. Зеленски во своето секојдневно обраќање рече дека пристаништето започна со работа и додаде дека тоа може да се нарече првиот позитивен сигнал дека постои можност да се запре кризата со храна во светот.

Сепак, во исто време тој предупреди:

„Не можеме да живееме во илузија дека Русија едноставно ќе се воздржи од обидот да го наруши украинскиот извоз. Русија постојано предизвикуваше глад во земјите од Африка и Азија, кои традиционално увезуваа значителни количини украинска храна. И сега, во услови на екстремни горештини, како годинава во Европа, закана од ценовна криза и одреден недостиг на храна постои и за некои европски земји“.

Тој додаде дека 16 бродови го чекаат својот ред да достават жито и рече дека Украина е подготвена да даде вистински придонес за стабилизација на светскиот пазар на храна. Посочи дека повеќе од милион работни места во Украина зависат од стабилизацијата на пазарот на храна, пренесе CNN.

Зеленски рече дека разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон за извозот на земјоделски производи и одбранбените прашања, како и за финансиската поддршка за Украина. Тој вели дека побарал од Макрон да им помогне да го деблокираат макрофинансирањето што е закочено во Европа.

„Сакам да ги потсетам сите лидери дека тоа се 9 милијарди евра. Тоа за нас не се ситници, туку важни социјални работи – тоа се нашите пензии, тоа се нашите плати, поддршката за имигрантите“, заклучи Зеленски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.