Поради украинската криза, Германците ги празнат рафтовите со сончогледово масло во продавниците, а веќе се појавија и првите угостители коишто го тргаат помфритот од менито поради недостигот на масло и високите цени.

Со оглед на тоа што Украина е значаен производител на сончогледово масло и масло од репка, но и земја од која Германија ги увезува овие производи, Германците почнаа да се откажуваат од помфритот.

Еден од првите угостители, кој го избриша помфритот од менито е Фреди Балер од Дармштат.

Тој за дневниот весник „Билд“ вели дека има проблеми со зејтинот потребен за фритезите, како и дека сончогледовото масло многу поскапело.

Балер во јануари плаќал 90 евроценти за литар масло од репка, а денес тоа чини и до четири евра за литар. Тој вели дека тоа е прескапо и би било неизбежно драстично да се зголеми цената на помфритот.

Цените на маслото во германските супермаркети скокнаа за 29 отсто.

Во супермаркетите во соседна Австрија, пак, нема проблеми со снабдувањето со масло.

Во Австрија се нудат масло од репка и сончогледово масло од домашно производство, но угостителите го користеа многу поевтиното украинско масло, кое сега е заменето со тоа од домашно производство.

Австриските власти посочуваат дека снабдувањето со масло е обезбедено и дека граѓаните не мора да прават залихи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.