Предлог – законот за воведување задолжителна вакцинација во Австрија, со широка поддршка, беше усвоен од Комитетот за здравство на австрискиот парламент.

За законот гласаа не само пратениците од владејачката Народна партија (ОВП) и Зелените, туку и од Социјалдемократската партија (СПО), како и еден од двајцата пратеници на Неос.

Партијата на слободата (ФПО), како што беше најавено претходно, беше против воведување задолжителна вакцинација против коронавирусот.

Австриската влада во неделата го претстави предлог – законот, со кој се предвидува од февруари да се воведе задолжителна вакцинација за сите граѓани над 18 години регистрирани во Австрија.

До средината на март без казнување ќе се применува преодната фаза, а потоа сите што ќе бидат фатени при контролите без валиден сертификат за вакцинација, ќе бидат казнети со парична казна од 600 до 3.600 евра.

Од обврската за вакцинирање се ослободени бремените жени, како и лицата кои не можат да се вакцинираат поради медицински причини, а се излекувани во рок од шест месеци од прележувањеот од Ковид19.

Откако предлог – законот ќе помине на комисијата за здравство, парламентот ќе одлучува за него во четврток.

Просто мнозинство е доволно за да се усвои задолжителната вакцинација, но владејачката коалиција ОВП-Зелени се обиде да добие широка поддршка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.