Западните земји не успеаја да наметнат бојкот кон Русија на состанокот на Г-20 во Индонезија, рече вчера портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова по повод состанокот на кој жестоко беше критикувана руската инвазија на Украина.

„Планот на Г7 за бојкот на Русија на Г-20 не успеа. Никој не ги поддржа западните режими“, напиша Захарова на Телеграм.

Захарова, исто така, негираше дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги бојкотирал состаноците за време на самитот на Г-20 на Бали, иако учесниците рекоа дека рускиот министер напуштил неколку сесии на кои била критикувана воената интервенција на Москва во Украина.

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок изјави дека Лавров голем дел од преговорите поминал надвор од просторијата, што според неа е доказ дека тој не е „заинтересиран за меѓународна соработка“.

„Каков тотален апсурд“, возврати Захарова, реагирајќи на критиките на германската министерка, наведувајќи дека Лавров присуствувал на состаноците во главната сала пред да има билатерални средби со колеги од други земји.

„Германските граѓани треба да знаат дека нивната министерка за надворешни работи ги лаже“, додаде Захарова.

Состанокот на Г-20, кој е подготовка за самитот на шефови на држави и влади на Бали во ноември, беше обележан со лавина критики за офанзивата што Русија од февруари ја спроведува во Украина.

Иако на состанокот не беше донесена конкретна одлука, учесниците сепак изразија длабока загриженост за хуманитарните последици од војната во Украина, изјави индонезиската министерка за надворешни работи Ретно Марсуди на затворањето на состанокот.

Поради конфликтот во Украина, Русија е под строги економски санкции од Западот и зголемена дипломатска изолација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.