За време на подготовките за учество на седницата на Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ во Македонија, руската страна наишла на „секакви пречки“, изјави за „Спутник“ портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова.
Можам да кажам дека за време на подготовката за учество на сите земји во Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ, на руската страна и се правеа секакви пречки и имаше внатрешни интриги меѓу западните земји. Некои од нив разбираат дека ситуацијата во ОБСЕ доведе до егзистенцијална криза на таа структура – рече Захарова.
Како што додаде таа, другиот дел од западните земји „продолжуваат да притискаат на педалата на целосно русофобично лудило“.
Таа посочи и дека овој настан е „тест за ОБСЕ“.
Последниве години оваа организација е доведена до тој степен што сите се прашуваат – што понатаму? Дали сите ќе гледаат окупација на таа градба, која ќе доведе до нејзино уништување, бидејќи нема да биде потребна – вели Захарова.
Таа потсети на моментот кога се формираше ОБСЕ.
Организацијата беше формирана на самиот врв на конфликтот меѓу системите – светот тогаш беше биполарен – на врвот на Студената војна, кога сè уште се чувствуваше ужасот на кубанската ракетна криза. Оваа организација е формирана за да спречи нешто слично да се повтори, да најде заеднички јазик и да се обиде да изгради мостови. Мислам дека имаше многу повеќе елементи што секоја од државите ги вложи во таа структура. Некој отиде со продолжената рака на пријателството, искрено верувајќи дека е неопходно да се развие дијалог, додека некој, очигледно, сметаше дека овие мостови нема да бидат мостови на пријателство, туку мостови за пренесување арсенал за влошување на конфронтацијата. Различно ја третираа и различно ја користеа, а резултатите беа различни – истакна таа.
Денеска во Скопје започнува тридневниот 30-ти состанок на министрите за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), на кој ќе учествуваат над 70 делегации со околу 1.000 членови.
Покрај министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, најголемо внимание привлекува најавеното присуство на американскиот државен секретар Ентони Блинкен и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, чија билатерална средба засега не е закажана, се наведува во написите.
Според анализите, се очекува министрите да донесат одлуки за понатамошното функционирање на ОБСЕ, а извесно е дека ќе одлучат Малта да ја преземе улогата на претседавач со ОБСЕ за 2024 година.
По повеќе од три децении независност, Македонија за првпат е домаќин на ваков собир, што се смета за голем успех на домашната дипломатија во земјата. Подготовките за овој настан траеле цела година, а за време на собирот ќе бидат ангажирани и неколку полициски служби, пренесува „Спутник“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.