Сега не се можни преговори за потпишување мировен договор меѓу Русија и Јапонија, поради „непријателската политика на Токио“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Не планираме продолжување на мировните преговори со Јапонија. Тоа е очигледно, бидејќи не постои начин да се разговара за потпишување основен документ за билатерални односи со земја, што зазеде отворено непријателски став – нагласи Захарова.

Изјавата на Захарова се однесува на санкциите што Јапонија ги воведе на 15 март, за поединци и компании од Русија, меѓу кои има и пратеници од Државната дума, како и руски бизнисмени и нивни роднини, поради рускиот напад на Украина.

Како одговор на потегот на Токио, руската страна ги запре безвизните патувања за јапонските државјани на спорните Курилски Острови и се повлече од дијалогот со Јапонија, околу воспоставување заеднички економски активности на овие острови.

Русија го блокираше и продолжувањето на партнерскиот статус на Јапонија во Црноморската организација за економска соработка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.