Околу 900 земјотреси се регистрирани во јужниот дел на Исланд, во време кога десетици илјади потреси го погодија регионот во изминатите недели, додека земјата се подготвува за евентуална вулканска ерупција.

Поради земјотресите во текот на викендот се евакуирани речиси 4.000 луѓе.

Во моментов се соочуваме со огромна неизвесност: дали ќе има ерупција и, ако е така, каква штета ќе има, изјави раководителот на истражување во Исландската метеоролошка канцеларија, Метју Џејмс Робертс.

Речиси сите 3.800 жители на градот Гриндавика во саботата ги напуштиле своите домови поради земјотресите.

Полуостровот Рејкјанес е вулканско и сеизмолошки жариште југозападно од главниот град на Исланд, Рејкјавик. Лавата се појави во март 2021 година од пукнатина во земјата долга од 500 до 750 метри во вулканскиот систем Фаградалсфјал во покраината Рејкјанес. Вулканската активност во областа траеше шест месеци.

Тринеделна ерупција се случи во август 2022 година во истата област, по што следеше уште една во јули оваа година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.