Во Шпанија починало второ лице заразено со мајмунски сипаници, соопшти денеска тамошното Министерство за здравство, ден по објавувањето на првиот смртен случај.

Од 3.750 пациенти, 120 се хоспитализирани, а двајца починале“, објави Центарот за вонредни здравствени состојби при Министерството за здравство во последниот извештај без да прецизира кога починал другиот пациент.

Тие се првите две лица во Европа кои починале од мајмунски сипаници. Вчера, Бразил и Шпанија ги пријавија првите смртни случаи од мајмунски сипаници надвор од Африка. Вклучувајќи ги двата смртни случаи во Шпанија, од мај се регистрирани осум смртни случаи во светот, од кои првите пет се во Африка, каде болеста е ендемична и за прв пат била откриена кај маж во 1970 година.

Шпанија е една од земјите со најмногу случаи во светот. Најголем дел од заразените се во Европа, каде 70 отсто од 18.000 случаи се откриени од почетокот на мај, а 25 отсто се во двете Америки, објави директорот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејезус.

Во повеќето случаи, пациентите се мажи кои имале сексуални односи со други мажи, биле релативно млади и живеат во градови.

Регионалната канцеларија на СЗО за Европа денеска објави дека може да се предвиди зголемување на бројот на смртни случаи од мајмунски сипаници. Сепак, организацијата нагласува дека тешките компликации се многу ретки.

„Со оглед на континуираното ширење на мајмунските сипаници во Европа, очекуваме повеќе смртни случаи“, рече Кетрин Смолвуд, службеник за итни случаи на СЗО за Европа. Светската здравствена организација минатата недела објави дека епидемијата на мајмунски сипаници е глобална здравствена закана.

Во САД, гувернерот на државата Њујорк, која сочинува четвртина од вкупните случаи на мајмунски сипаници во САД, објави вонредна состојба во таа сојузна држава поради ширењето на епидемијата. „Прогласувам вонредна состојба за да ги зајакнеме нашите тековни напори за справување со појавата на мајмунски сипаници“, твитна Кети Хочул доцна синоќа.

На 29 јули, државата Њујорк имала 1.383 потврдени случаи на мајмунски сипаници, според веб-страницата на Министерството за здравство на државата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.