Доцна синоќа во бордел во Виена се пронајдени тела на три жени со расекотини и убодни рани. Осомничениот за убиствата е уапсен. Во одделен случај, во стан се пронајдени телата на мајка и 13-годишно девојче. Се уште се трага по убиецот, јавува РТС.

Во еден бордел во виенскиот кварт Бригитенау, во различни простории биле пронајдени тела на три жени. Австриските медиуми јавуваат дека кај нив биле пронајдени расекотини и убодни рани, а поради степенот на повредите, нивниот идентитет се уште не е утврден. Не се пронајдени ниту нивните документи, пренесува РТС.

Во паркот спроти борделот полицијата пронашла осомничен, 27-годишен маж кој наводно сакал да се сокрие во грмушките, а во раката имал нож, изјави полицискиот портпарол Филип Хаслингер.

Тој изјавил дека осомничениот при апсењето се однесувал агресивно. Тој најпрво бил однесен во болница за да му се укаже помош на мали исеченици за кои верувал дека сам си ги нанел.

Се уште не е јасно дали мажот ги користел услугите во борделот или веднаш ги нападнал жените со нож. Полицијата во 21:00 часот била алармирана од случаен минувач кој забележал трага од крв која се протега од влезот на кафеаната до спротивната страна на улицата.

Телата на 51-годишна жена и нејзината 13-годишна ќерка биле пронајдени во стан во Виена во петокот наутро. Според полицијата, главен осомничен е сопругот на убиената. 56-годишниот Австриец се води како исчезнат откако беа пронајдени телата, а потрагата по него е во полн ек, изјави Хаслингер.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.