Американските здравствени власти соопштија дека најверојатно ќе почнат да препорачуваат годишни вакцини против Ковид-19.
Соопштението е објавено откако земјата одобри воведување на нови, засилувачки, дози вакцини, дизајнирани да се борат против варијантите на корона вирусот кои моментално се шират.
До крајот на неделата, 90 отсто од Американците ќе живеат на осум километри од местата каде што ќе можат да добијат адаптирани вакцини – изјави секретарот за здравство и хуманитарни прашања Хавиер Бесера.
Здравствените власти велат дека луѓето би можеле да ги добијат новите засилувачки дози оваа есен или зима, заедно со нивните редовни вакцини против грип. Според нив, ова најверојатно ќе стане годишна пракса.
За значително мнозинство Американци, се приближуваме до точка каде што една годишна доза против Ковид треба да обезбеди висок степен на заштита од сериозни болести во текот на годината – изјави координаторот на Белата куќа за борба против Ковид-19, Ашиш Џа.
Врвниот американски експерт за заразни болести, Ентони Фаучи, порача дека доколку не се појави значително различна варијанта на вирусот, годишните вакцини треба да понудат доволно заштита за повеќето луѓе. Сепак, според него, некои ранливи групи на луѓе можеби ќе имаат потреба од почести вакцинации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.