Израел одобри четврта доза од вакцина против Ковид-19 за сите луѓе постари од 60 години и медицинскиот персонал, соопшти синоќа премиерот Нафтали Бенет.
На прес-конференција Бенет рече дека Министерството за здравство ја одобрило одлуката два дена по одобрувањето на четвртата доза за групи со висок ризик.
Бранот со Омикрон е тука и треба да се заштитиме – изјави Бенет.
Набргу по почетокот на вакцинацијата на ризичните групи, директорот на Министерството за здравство Нахман Еш ја одобри четвртата доза за лицата во домовите за стари и изнемоштени.
Покрај тоа, Израел во четвртокот ја прими првата пратка таблети против коронавирус од фармацевтската компанија „Фајзер“ во време кога бројот на заразени продолжува да расте поради сојот Омикрон.
Во изминатите денови Израел бележи голем пораст на инфекции, но засега не е потврдено ново зголемување на хоспитализираните.
Израелските власти вчера потврдија 4.206 нови случаи на коронавирус за 24 часа и зголемување за 195 отсто за една недела, што може да го зголеми притисокот врз здравствениот систем.
Наскоро можеме да предвидиме 50.000 нови случаи на ден – предупреди Бенет, повторувајќи го повикот за масовна вакцинација.
Во земја од 9,2 милиони жители во која повеќе од половина веќе добиле засилена, т.н. бустер доза, потешки случаи на болеста се присутни кај невакцинираните, велат надлежните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.