Италијанската полиција запленила 4,3 тони кокаин, чија улична вредност е околу 240 милиони евра, што му е нанесен тежок удар на колумбискиот Заливски клан, соопштија истражителите.

Полицијата соопшти дека една од најголемите заплени во Европа била кулминација на меѓународната истрага што резултирала со налог за апсење на 38 лица во шест земји: Италија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Холандија и Колумбија, пренесува „Ројтерс“.

Истрагата траела повеќе од една година и ги опфатила колумбиското правосудство и државната безбедност на САД, а освен кокаин полицијата запленила и 1,85 милиони евра во кеш.

По апсењето на водачот на групата „Даира“, Антонио Усуга, познат како „Отониел“, во октомври, колумбиските власти во ноември минатата година соопштија дека се фокусирани на разбивање на Заливскиот клан, чија криминална мрежа се протега во 28 земји низ светот.

Уште еден тежок удар за најважната група меѓу колумбиските нарко банди – велат италијанските истражители од Трст за оваа заплена.

Тие додаваат дека нивната работа открила „густа мрежа“ на врски меѓу јужноамериканските производители на кокаин и европските купувачи, вклучително и организираните криминални групи кои дејствуваат низ Италија, вклучително и мафијашката организација Ндрангета од регионот Калабрија.

Полицијата надгледувала 19 последователни пратки на дрога од мај минатата година, овозможувајќи ѝ да идентификува „важни посредници“ во глобалниот систем за наркотици и „значителен број“ преносители, објави „Ројтерс“, истакнувајќи дека повеќе детали треба да бидат објавени во текот на денот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.