Во Флорида денеска стапи во сила забраната за повеќето абортуси по шест недели од бременоста, пред многу жени да знаат дека се бремени, а некои лекари се загрижени дека жените во државата повеќе нема да имаат пристап до здравствената заштита што им е потребна.
Докторката Леа Робертс, репродуктивен ендокринолог и специјалист за плодност во Бока Фертити во Бока Ратон, рече дека законите против абортусот донесени од Флорида и другите „црвени“ држави се напишани од луѓе кои не ја разбираат медицината.
Правилата не ги засегаат само жените кои сакаат да ја прекинат бременоста како личен избор, туку и проблематичните бремености за жените кои сакаат да имаат бебе, нагласи таа.
Американскиот претседател Џозеф Бајден пред една недела го обвини поранешниот претседател Доналд Трамп за новите ограничувања на правото на абортус во државата Флорида.
Да бидеме многу јасни, има само едно лице одговорно за овој кошмар. Тој се фали со тоа. Доналд Трамп, им рече Бајден на своите приврзаници во градот Тампа и истакна дека правото на абортус „треба да биде уставно право“.
– Не се работи за правата на (сојузните) држави, туку за правата на жените, рече Бајден и оцени дека Трамп „е загрижен дека гласачите ќе го сметаат за одговорен за суровоста и хаосот што ги создаде“.
На почетокот на претходниот месец, Врховниот суд на Флорида го одобри законот со кој се забранува абортус по првите шест недели од бременоста, период кога повеќето жени не се ни свесни дека се бремени.
Прашањето за абортусот е важно за претстојните избори на 5 ноември во САД, а демократите веруваат дека строгите ограничувања на тоа право во Флорида и Аризона ќе ги „свртат“ гласачите на Трамп кон Бајден.
На изборите во 2022 година Трамп освои 51,2 отсто во таа држава, а Бајден 47,9 отсто.
Шефицата на Демократската партија на Флорида, Ники Фрид изјави дека Бајден разбира дека победата во таа држава е малку веројатна, но дека вреди да се обиде.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.