Работничките синдикати денеска стапија во тридневен штрајк во Финска во знак на протест против измените на законите за пазарот на труд и кратењето на социјалното осигурување, предложени од Владата на премиерот Петери Орпо.
Се очекува штрајкот сериозно да го наруши секојдневниот живот на Финците. Во рамки на тридневната акција затворени ќе бидат градинките и предучилишните установи, додека воздушниот сообраќај и поштенските услуги ќе бидат нарушени.
Покрај тоа, јавниот превоз нема да работи, а фабриките низ државата ќе бидат затворени. Националната авиокомпанија „Финер“ соопшти дека била принудена да откаже околу 550 летови.
Повеќето штрајкови се организирани од Централната организација на финските синдикати и Финската конфедерација на професионалци. Нивните членови велат дека мерките предложени од Владата на Орп ќе ја зголемат нееднаквоста во општеството, ќе ја ослабат позицијата на работниците и ќе им наштетат на тие со пониски примања и на невработените.
Синдикатите, меѓу другото, се против ограничувањето на правото на штрајк и кратењето на надоместоците за невработени. Финските медиуми јавуваат дека целта на синдикатот е да ја принуди Владата да започне разговори со работничките организации за предложените кратења на социјалното осигурување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.