Високи тајвански и западни разузнавачи сметаат дека Кина ја одложила можната инвазија на Тајван за најмалку четири години, како реакција на воениот неуспех на Русија во Украина.

Според разузнавачките извештаи, кинескиот претседател, Си Џинпинг сега, наводно ќе ги анализира руските неуспеси во Украина пред да преземе каква било акција насочена кон островот кој не го признава суверенитетот на Пекинг, а кој Кина го смета за своја територија.

Чен Минг-тонг, шеф на тајванското биро за национална безбедност, тврди дека источноазиската суперсила нема да почне напад до крајот на претседателскиот мандат на тајванската претседателка, Каи Инг-вен, што завршува во 2026 година.

Лекцијата од Украина за Пекинг е дека не треба лесно да се носи одлука за почеток. Сега Пекинг ќе ги проучува недостатоците на Русија и ќе ја унапреди својата Народноослободителна армија. Ако војната почне, таа ќе биде сеопфатна, а Тајван мора да ги процени намерите на Пекинг во најширок можен опсег – вели Чен за „Тајмс“.

Осврнувајќи се на неодамнешното зајакнување на одбраната на Тајван, Чен додава:

Не седиме без работа и не чекаме пасивно.

По руската воена акцја во Украина, Тајван најави и дека ќе ја продолжи задолжителната воена служба во тековните четири месеци во обид да ја подобри својата одбрана.

Стравувањата од кинеско преземање на Тајван траат со години додека Кина продолжува да ги проширува своите воени капацитети и сè повеќе ја предизвикува американската глобална хегемонија.

Исто така, се верува дека Пекинг го зголемил својот нуклеарен арсенал во последните години по изградбата на комплексот силоси во пустината во провинцијата Ксинџијанг, кој се простира на околу 800 квадратни километри. Неодамна се покажа дека Кинезите се заинтересирани за изградба на брз „ракетен воз“ кој може да го пренесе нуклеарното оружје на Пекинг низ целата земја, што ќе го отежнува неговото следење и можноста за уништување.

Пекинг сака Тајван да се врати под кинеска контрола до 2050 година и ги отфрла споредбите со Украина, тврдејќи дека Тајван е „домашна работа“, додека Украина е суверена нација која е веќе меѓународно призната.

Чен, изјави и дека верува дека САД ќе одговорат ако Кина тргне на Тајван.

Ако САД можат да бидат вклучени до тој степен без акт за односите со Украина, САД само ќе бидат повеќе вклучени со нивниот Закон за односи со Тајван – вели Чен.

Веста дека кинескиот напад врз Тајван бил одложен беше поддржана од тврдењата на рускиот ФСБ свиркач, претходно овој месец.

Неименуван поединец од руската безбедносна служба, напишал писмо до Владимир Осечкин, руски дисидент со седиште во Франција, во кое тврди дека кинексиот претседател Кси Џинпинг планирал да го „преземе Тајван“, но дека сега, по настаните во Украина, таа можност е затворена.

Ву Чиан, портпарол на кинеското Министерство за одбрана, порача дека тајванските власти ја користат ситуацијата во Украина за да ги поттикнат стравувањата од конфронтација и војна.

Таквите дела му штетат на Тајван и само ќе го турнат Тајван во бездната на катастрофата – изјави портпаролот.

Како што растат тензиите, западните сојузници ја засилуваат својата безбедност.

Австралија објави дека ќе ја удвои големината на својата електронска шпионска агенција за да се бори против растечките сајбер напади.

Австралиската управа за сигнали (АСД) ќе вработи речиси 2.000 работници, додека владата, исто така, вети дека ќе ја зголеми посветеноста на земјата кон разузнавачката мрежа „Фајв Ајз“ (Five Eyes), која ги вклучува Обединетото Кралство, САД, Канада и Нов Зеланд.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.