Висок функционер на палестинското движење Хамас во Либан синоќа изјави дека неговото движење е отворено за какви било разговори за да се стави крај на „израелската агресија во Газа“, но рече дека е „прерано во моментов се зборува за постигнување договор за примирје“.

Нацрт-договорот за примирје меѓу Израел и Хамас, подготвен од катарските, американските и египетските посредници, предвидува ослободување на заложниците кои се држат во Газа во замена за Палестинците држени во Израел.

-Хамас ја повтори својата подготвеност да разговара за секоја иницијатива што ќе стави крај на варварската агресија против нашиот палестински народ во Газа, рече Осама Хамдан на прес-конференција во Бејрут.

Хамдан потврди дека Хамас го добил предлогот за примирје, но рече дека недостасуваат детали.

Тој предлог е „рамковен договор што треба да се проучи… Се уште не можеме да зборуваме за договор, рече тој.

-По разгледувањето, ќе се договориме за позицијата што ќе се заснова на нашата желба да ставиме крај на агресијата врз нашиот народ што е можно поскоро, рече Хамдан.

Според извор од Хамас, првата фаза од нацрт-договорот вклучува шестнеделно примирје за време на кое Израел ќе ослободи меѓу 200 и 300 палестински затвореници, во замена за 35 до 40 заложници држени во Газа.

Израелската армија вчера соопшти дека гаѓала на неколку илјади цели и позиции поврзани со движењето Хезболах во Либан и Сирија од почетокот на војната против палестинското движење Хамас. Војската соопшти дека од октомври погодила повеќе од 3.400 цели поврзани со Хезболах во јужен Либан.

-Од почетокот на војната (против Хамас), нападнавме повеќе од 3.400 цели на Хезболах ширум јужен Либан, изјави портпаролот на армијата Даниел Хагари, додавајќи дека во тој период биле убиени 200 „терористи и команданти“.

Според него, армијата целела и над 50 цели на Хезболах во Сирија.

-Ја нападнавме инфраструктурата на Хезболах и во Сирија. Нападнавме повеќе од 50 цели по копно и воздух, изјави портпаролот на израелската војска, која ретко ги спомнува нејзините операции во Сирија.

На 7 октомври, војната беше предизвикана од напад на Хамас на израелска територија. Според израелските податоци, тогаш загинале повеќе од 1.160 луѓе, главно цивили.

Како одговор, Израел вети дека ќе го уништи Хамас и започна голема воена офанзива. Според податоците на Хамас, во таа офанзива досега се убиени 27.238 луѓе во Газа, главно цивили.

Претходно, во напад на Хамас, 250 луѓе беа киднапирани и однесени во Газа. Според израелските податоци, 132 заложници се уште се во Газа. Израел тврди дека 27 од нив загинале во меѓувреме, а неколку од нив се ослободени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.