Австралиската полиција во сојузната држава Квинсленд уапсила 12 членови на религиозна група поради смртта на осумгодишното девојче Елизабет Роуз Струхс.

Како што пишува Гардијан, тие се членови на сектата „The Saints“ од градот Тувумба, а биле уапсени откако на девојката и бил ускратен хормонот без кој личност како неа не може да преживее. Имено, Елизабет имала дијабетес тип 1. Тоа е автоимуна болест кога панкреасот произведува многу малку или воопшто не произведува инсулин.

Дијабетесот тип 1 не може да се спречи, а луѓето со овој тип на дијабетес се зависни од инсулинска терапија. Членовите на сектата не и давале инсулин бидејќи верувале дека Бог ќе ја излечи.

Девојчето починало во семејната куќа во Ранџвил, западно од Бризбејн, на 7 јануари. Полицијата соопшти дека нејзините родители, кои се обвинети за убиство, почнале да и ускратуваат инсулин шест дена претходно.

Полицијата соопшти дека итната помош не била повикана на местото на настанот до 17:30 часот следниот ден, а локалните медиуми наведуваат дека членовите на црковната група веруваат дека девојчето ќе воскресне. Нејзините родители, Кери Елизабет Струхс и Џејсон Ричард Струхс се обвинети за убиство и тортура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.