Правилата за тестирање на ковид ќе бидат ублажени за луѓето кои патуваат во Англија, соопшти денеска британската влада.

Целосно вакцинираните патници кои од утре пристигнуваат во Англија повеќе нема да мора да прават тест за Ковид пред да патуваат, а од недела, наместо да прават ПЦР тест на вториот ден од пристигнувањето, ќе можат да направат брз тест, кој е поевтин.

Ќе се променат и правилата за самоизолација по пристигнувањето.

Оваа одлука ја потврди и британскиот премиер Борис Џонсон, по апелот на туристичките агенции и нивните тврдења дека мерките повеќе не се ефективни поради забрзаното ширење на сојот омикрон.

Според сегашните правила кои важат до утре, сите целосно вакцинирани патници на возраст над 12 години мора да покажат докази за негативен тест за латерален проток или негативен ПЦР тест направен два дена пред пристигнувањето во Обединетото Кралство.

Целосно вакцинираните лица мора да платат и за ПЦР тест во рок од два дена по пристигнувањето и да се изолираат додека го чекаат резултатот.

Луѓето кои не се целосно вакцинирани мора да направат ПЦР тест вториот и осмиот ден по пристигнувањето и да се изолираат 10 дена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.