Францускиот парламент денеска ги одобри најновите владини мерки за борба против Ковид-19, вклучително и законот за пропусници против Ковид-19.

Законот за ковид-пропусници беше поддржан од 214 пратеници, 93 пратеници беа против, додека 27 беа воздржани, пренесе Ројтерс.

Овие мерки сега се пред Сенатот, кој ќе ги разгледа пред какво било дополнително одобрување.

Претходно оваа недела, владејачката партија „Република во движење“ ја бранеше поострата реторика на претседателот Емануел Макрон, која беше упатена до невакцинираните, откако неговите зборови предизвикаа осуда меѓу опозицијата и различни реакции кај гласачите.

Макрон рече дека сака да ги „разгневи“ невакцинираните луѓе со тоа што ќе им го комплицира животот толку многу што на крајот ќе мора да се вакцинираат против коронавирус.

Тоа го кажа во интервју за весникот „Паризиен“, во кое и невакцинираните ги нарече неодговорни и недостојни да се сметаат за граѓани.

Франција вчера регистрираше рекорд од повеќе од 332.000 нови случаи и уште 246 смртни случаи во болниците, додека земјата се соочува со петтиот бран на вирусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.