Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во телефонски разговор се договориле првпат да се сретнат во јануари, а разговарале и за средбата меѓу Володимир Зеленски и унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Јермак на мрежата Х напиша дека имал продуктивен разговор со Сијарто и „дека работат на организирање средба меѓу Зеленски и Орбан во блиска иднина“.
Според него, разговарале и за напредокот на Украина на патот на европската интеграција.
Сијарто посочи дека одржувањето на континуиран дијалог на високо ниво е важно бидејќи дава надеж за подобрување на односите.
Тој на социјалните мрежи напиша и дека Унгарија е заинтересирана да ја одржи најдобрата можна соработка со сите свои соседи.
Се разбира, нема да го промениме нашиот став ‘за мир’, но со нетрпение ја очекувам нашата средба лице в лице во јануари кога ќе имаме можност да разговараме за најитните билатерални прашања“, наведе Сијарто.
Како што пренесува украинска „Правда“, шефот на кабинетот на Зеленски изјавил дека евентуалните разговори меѓу претседателот на Украина и Орбан би можеле да опфатат широк опсег на билатерални односи.
Унгарија и Украина немаат речиси никакви контакти на високо ниво од почетокот на руската агресија против Украина во февруари 2022 година, но соработката е многу поактивна во последните неколку недели, пишува „Правда“.
Унгарија инаку беше против почеток на преговорите за членство во ЕУ со Украина, а одлуката беше донесена во средината на декември на Европскиот совет, откако Орбан накратко го напушти состанокот.
Сепак, Орбан стави вето на пакетот помош на ЕУ за Украина од околу 50 милијарди евра во следните четири години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.