Русија и Украина се на нивните први разговори од избувнувањето на конфликтот минатата недела, при што Киев побара „итен прекин на огнот“, во момент кога бројот на бегалците кои бегаат од земјата достигна над 500.000.
Додека делегациите пристигнуваа на разговори за границата меѓу Белорусија и Украина на петтиот ден од инвазијата на Москва, украинското претседателство побара прекин на огнот „и повлекување на војниците“, нешто што Москва речиси сигурно ќе го отфрли.
Јас навистина не верувам во исходот од оваа средба, но нека се обидат – изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Официјален Киев првично не сакаше да испрати делегација во Белорусија, со оглед на улогата на земјата во олеснувањето на рускиот напад врз Украина.
Дефинитивно имаме интерес да постигнеме некои договори што е можно поскоро – порача Владимир Медински, помошник на Путин, кој отпатува во Белорусија на разговорите, во телевизиски коментар.
Зеленски, во меѓувреме, издаде уште едно видео обраќање, повикувајќи ја Европската Унија да се согласи на „итно пристапување на Украина преку нова специјална процедура“.
Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, даде лична поддршка за таквонешто во интервју за каналот Еуроњуз, но без да прецизира временска рамка.
Тие се едни од нас и ги сакаме со нас – изјави таа.
Тешките финансиски санкции наметнати од Западот кон Москва го покажаа своето влијание врз финансиските пазари денеска кога руската рубља падна на рекордно ниско ниво, а руската централна банка повеќе од двојно ги зголеми каматните стапки на 20 отсто.
Санкциите насочени кон рускиот финансиски сектор имаат за цел да ја променат пресметката на лидерот на Кремљ Владимир Путин, но на терен околу 100.000 руски војници за кои се смета дека се во Украина продолжија со активностите од север, исток и југ.
Јужниот град Бердјанск е под контрола на руски војници – соопштија украинските власти.
Во главниот град денеска, по релативно мирната вечер, луѓето побрзаа да купат храна по укинувањето на строгиот полициски час воведен во саботата, кога локалните сили добија наредби за пукање кон секого што ќе се појави на улица.
Москва соопшти дека „добила воздушна супериорност над целата територија на Украина“, истовремено обвинувајќи ги украинските трупи дека користат цивили како жив штит.
Путин во неделата им нареди на руските нуклеарни сили да бидат на висока готовност како одговор на, како што истакна, „непријателските“ чекори на Западот, чие единство и брзина во воведувањето санкции врз руската економија ги изненади набљудувачите.
Западните санкции кон Русија се тешки, но нашата земја го има потребниот потенцијал да ја надомести штетата – изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
ЕУ објави дека ќе обезбеди 450 милиони евра за Украина за купување оружје. Исто така, најави ограничувања за медиумите РТ и Спутник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.