Европската комисија ќе препорача Украина да добие официјален статус на земја-кандидат за членство во ЕУ, објавува бриселскиот портал „Политико“ повикувајќи се на неколку неименувани дипломатски извори.

Еврокомесарите разговарале за тоа прашање во текот на вчерашниот ден, по ненадејната посета на шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во саботата на Украина.

„Комисијата не заборава дека Украина е единствената земја во Европа каде што умираат луѓе, каде што врз луѓе се пука затоа што носат знамиња на ЕУ на улиците“, пренесува „Политико“ изјава на високопоставен функционер на ЕУ. Тој додал дека сега на Украинците не може да им се каже „извинете, веевте погрешни знамиња“.

За да се додели кандидатски статус на Украина потребен е консензус на сите 27 шефови на држави и влади на состанокот на Европскиот совет закажан за наредната седмица.

Официјални лица и дипломати во Брисел сепак посочуваат дека најмалку три држави-членки на ЕУ се против кандидатски статус за Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.