Државната белгиска телевизија „ВРТ“ објави дека Украина испратила барање до Белгија за воена опрема, но белгиската Влада не одговорила на таквиот повик.
Според информациите на медиумот, Украина, уште пред неколку недели, барала околу пет илјади шлемови, но и оружје и муниција.
Од кабинетот на министерката за одбрана, Лидивин Дедондер, потврдуваат дека белгиската федерална Влада добила неформално, а потоа и формално барање за воена помош, но дека министрите одлучиле во тој момент дека предност треба да се даде на дипломатијата и деескалацијата во конфликтот со Русија.
Белгија не одговорила ниту позитивно, ниту негативно, но во меѓувреме пристигнало ново барање кое во моментов се разгледува. Одлуката на Русија да ги признае сепаратистичките покраини Доњецк и Луганск би можела да влијае врз конечната одлука на Белгија за испорака на воена помош во Украина.
Белгија, исто така, сака претходно да се усогласи со европските партнери пред да одговори на барањето.
Министерката за одбрана на Белгија, исто така, не ја исклучува можноста да се испратат белгиски трупи во случај на, како што вели, „најлошо сценарио“.
Секогаш сме подготвени за распоредување доколку е потребно, односно ако има едногласно барање од НАТО за распоредување на нашите сили внатре во НАТО за да ги одбраниме нашите сојузници. Не се наоѓаме во воена опција во Украина. За сега нема барање од воената команда на НАТО – вели Дедондер.
Во меѓувреме, премиерот на Белгија, Александер Де Кро, го свика Советот за безбедност на седница, речиси целосно посветена на ситуацијата во Украина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.