Турскиот парламент го одобри предлог-законот за протоколот за пристапување на Шведска во НАТО.

По денешното гласање во турскиот парламент, Унгарија е единствената членка на НАТО која сè уште не ја одобрила кандидатурата на Шведска за влез во Алијансата.

Предлог-законот е испратен до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на конечен потпис, што се очекува да се случи во наредните неколку дена. Во октомври 2023 година, Ердоган го потпиша протоколот за пристапување на Шведска во НАТО и го достави до парламентот.

Финска и Шведска аплицираа за членство во НАТО веднаш откако почна војната во Украина во февруари 2022 година.

Турција го одобри членството на Финска во алијансата во март 2023 година, но порача дека чека Шведска да се придржува до трилатералниот меморандум од јуни 2022 година за да одговори на турските безбедносни грижи.

Сите нови членки на НАТО мора да бидат одобрени од сите сегашни членки, вклучително и Турција, кој е членка на Алијансата повеќе од 70 години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.