Најмалку 12 лица загинале во турски воздушни напади врз курдски позиции во североисточна Сирија, пренесе ДПА повикувајќи се на Сириската опсерваторија за човекови права.
Турското Министерство за одбрана потврди дека извршило воздушни напади врз базите на курдските милитанти во северна Сирија и северен Ирак.
Цел на нападите биле базите на Курдската работничка партија (ПКК) и на сириската курдска милиција ЈПГ, се додава во соопштението на Министерството.
Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека 25 воздушни напади ги погодиле областите под контрола на Сириските демократски сили (СДФ) предводени од Курдите во селата кај Кобане и Алепо.
Организацијата за мониторинг со седиште во Британија, кој ја документира 11-годишната граѓанска војна во Сирија, соопшти дека биле погодени и позиции на сириската армија, при што загинале најмалку 12 лица, вклучувајќи и војници на СДФ и сириската армија.
Шефот на СДФ, Мазлум Абди, на Твитер напиша дека нападите се закана за целиот регион.
Ова бомбардирање не е во корист на ниту една страна. Правиме максимални напори да избегнеме голема катастрофа. Ако избие војна, сите ќе бидат погодени, напиша тој.
Сириската државна телевизија ги потврди нападите.
Воздушните напади доаѓаат една недела по бомбашкиот напад во Истанбул, во кој загинаа шест, а беа ранети повеќе од 80 луѓе. Турција ги обвинува ЈПГ и забранетата ПКК за нападот. ПКК ги отфрли обвинувањата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.