Пензионираниот адмирал на турската воена морнарица, Џем Ѓурдениз, во интервју за медиумите изјави дека најголемата закана за Турција, во моментов, доаѓа од западните земји, вклучително и со обидите да се создаде сепаратистичка курдска држава. Како што порача адмиралот, имајќи го тоа предвид, официјална Анкара треба да донесе одлука да излезе од НАТО.
Колку илјадници луѓе загинаа на југоистокот на Турција од 1984 година, со колку проблеми се соочува Турција во другите сфери, но ние не добиваме никаква поддршка од НАТО или ЕУ. Не треба да одиме многу далеку за пример, доволно е да се оценат извештаите на ЕУ, нема подобри примери за тоа како тие се во спротивност со геополитичките интереси на Турција. Или доволно е да ги прочитате извештаите за Турција на американскиот Сенат или Конгресот па веднаш може да се види кој е наш пријател, а кој е непријател“, изјави Ѓурдениз во интервјуто за телевизискиот канал „Teлe1“.
Адмиралот алудира на бунтот на Работничката партија на Курдистан (PKK) која од почетокот на 1980-те години, со куси прекини, води сепаратистичка војна против турската држава во која досега загинаа близу 45.000 луѓе, а која и Турција и САД и ЕУ ја ставија на листата терористички организации. Сепак, западните земји се сојузници со курдските паравоени формации во соседните Ирак и Сирија, во борбата против Исламската држава, но официјална Анкара ги смета за задгранични фракции на PKK. Токму поради политичките азили кои Шведска им ги дава на курдските активисти барани Турција, Анкара го блокира приемот на оваа нордиска земја во НАТО.
Турција треба да се повлече од НАТО поради случувањата во врска со војната во Украина и плановите на САД за скорешна пресметка на Пацификот. Може да се соочиме со заканата како завршен факт, тие може да ја вовлечат Турција во светски конфликт преку Украина“, смета Ѓурдениз.
Тој вели дека во тој случај Турција ќе биде принудена да го затвори Босфорскиот теснец за Русија и оценува дека кога би дошло до директен конфликт меѓу НАТО и Русија, би можело во овој регион да биде употребено тактичко нуклеарно оружје.
Зарем ова не го разбира (генералниот секретар на НАТО, Јенс) Столтенберг? Тој знае сѐ, но тој е американска марионета, според она што го зборува… за скорешното влегување на Украина во Алијансата“, истакнува адмиралот.
Според него, САД ја „користат“ Турција уште од 1945 година, а претходно тоа го правеле Британците и поради тоа е неопходно турската држава да се „ослободи од англосаксонската зависност“ за сметка на своите ресурси. Ѓурдениз смета дека Анкара треба да води сопствена независна политика „балансирајќи меѓу Атлантикот и Азија“.
Во моментов најголемата закана за Турција е создавање некаква држава Курдистан на југоистокот на Турција со излез на море и поради тоа главната закана доаѓа од членките на НАТО – САД, Велика Британија и Франција. Покрај тоа, во врска со можното повлекување на турската војска од (непризнаената) Турска република Северен Кипар, заканата доаѓа од истите земји и од ЕУ“, сумира Ѓурдениз.
Истовремено, адмиралот истакнува дека доколку Турција се повлече од НАТО, војната со Грција би била неизбежна. Меѓу заканите кои натаму ги наведува во интервјуто, Ѓурдениз ги наведува и обидите на регионални земји членки да го претворат Црното Море во „езеро на НАТО“.
Блокот земји коишто своевремено нѐ воведоа во сојузот со фразата „СССР ќе ве окупира“, сега прави сѐ што е можно да ја распарчи Турција, да ја турне на плеќите и да ја направи свој сателит. Зошто, тогаш, остануваме во таа организација?“, вели Ѓурдениз.
Според адмиралот, Турција треба да размислува за влегување во воен сојуз со земјите како Русија, Кина и Индија или да воспостави билатерална воена соработка со нив или, пак, да негува поблиски односи со блокот земји во БРИКС. Турција по минатогодишниот самит на БРИКС (составен од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) беше една од земјите кои изразија заинтересираност за придружување на организацијата во која има статус на набљудувач.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган говорејќи во март на слична тема, изјави дека нема да дозволи Турција да биде вовлечена во украинската војна и во конфликт со Русија. Турската опозиција, којашто на средината од мај на изборите ќе се обиде по две децении да ги собори од власт Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот (AKP), исто така, во кампањата изразува уверување дека ќе може да одржува избалансирани односи со Русија, доколку на претседателските избори победи нејзиниот заеднички кандидат Кемал Киличдароглу од националистичката CHP, но дека ќе потсети оти Турција е членка на НАТО.
Претседателските и парламентарните избори во Турција се закажани за 14 мај. Главни ривали се актуелниот шеф на државата Ердоган како заеднички кандидат од „Републиканската алијанса“ и заедничкиот кандидат од опозициската „Народна алијанса“ Киличдароглу, а кандидати се и лидерот на партијата Мемлекет, Мухарем Инџе, и кандидатот од сојузот Ата, Синан Оган. Политичките сојузници на Ердоган, како и повеќе негови министри, повеќепати ги критикуваа САД за нивното ангажирање на страна на опозицијата во обидот да биде соборена од власт AKP.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.