Турските власти објавија дека ја отфрлаат одлуката на Русија за анексија на четири украински региони, исто како што не ја призна анексијата на Крим во 2014 година.

Министерството за надворешни работи на Турција соопшти дека одлуката на Москва претставува кршење на воспоставените принципи на меѓународното право и дека не може да се прифати како таква.

„Турција не ја призна руската анексија на Крим на нелегитимен референдум во 2014 година и во секоја прилика покажа силна поддршка за територијалниот интегритет, независност и суверенитет на Украина. Во согласност со тој став усвоен во 2014 година, ја отфрламе одлуката на Русија за анексија на регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје во Украина“, се вели во соопштението.

Министерството наведува дека Турција продолжува да „поддржува решение за оваа војна, која зема застрашувачки форми, заснована на мир, што може да се постигне преку преговори“.

Во петокот рускиот претседател Владимир Путин најави припојување на споменатите региони кон Русија.

Путин рече дека се одржале референдуми и луѓето направиле избор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.